Споменикот е граден во периодот 1975-1977 година, од страна на тогашното Собрание на Општина Кочани. Преку самоуправна спогодба биле собрани финансиски средства за таа намена во противредност од околу 800.000 тогашни германски марки. На распишаниот јавен конкурс за уметничко и архитектонско решение се јавиле повеќе автори од тогашна Југославија. Комисијата го избрала уметничко-архитектонското решение на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.
Во 1981 г. споменикот бил целосно завршен, а на 28 ноември 1981 г. (Денот на Републиката) со голема свеченост и присуство на граѓани, гости, уметници од културата, политичари и други, бил предаден во употреба.
Со неговата изградба Кочани, па и Македонија се збогатени со едно уметничко ремек-дело. На 335 м2 мозаичен приказ е крунисана и овековечена историската борба на македонскиот народ за слобода од Илинденскиот период, па до НОВ. Посебно во споменикот со пиетет се ставени имињата на загинатите борци во НОАВМ од Кочани и Кочанско.
Покрај историската и уметничка вредност, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена, која се користела за свечености, театарски претстави и други собири. Споменикот е прогласен за споменик на културата и како таков е влезен во регистарот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.