На планината Плачковица се наоѓаат и три прекрасни кањони: Камник, Козјак и Зрновка во кои се наоѓаат прекрасни природни убавини како реки, водопади, преслапи, високи карпи…
За многумина кањонот Камник со својата убавина претставува Колорадо во мало. До сите кањони е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење (маркации, билборди, патокази, сајли, ферети и место за одмор).
Од многуте убавини кои ги нуди планината Плачковица се и пештерите кои ги има повеќе, од кои пет се испитани и достапни за посетители. Најголема од нив е Големата пештера, со испитана должина од 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Пештерите: Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но богати со пештерски украси и се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки.