Во Кочани биле евидентирани пет одбранбени кули, од кои една се наоѓала во селото Долни Подлог, а останатите четири во северниот дел на градот, по 2 на двата брега на Кочанска Река, поставени едни спрема други за да ја заштитуваат чаршијата која се наоѓала во средината. За жал, денес се зачувани само две од нив: средновековната кула која се наоѓа на ул. Илинденска и саат кулата сместена зад училиштето „Раде Кратовче“.
Кулите биле изградени од камени блокови, врзувани со малтер, со дебелина на ѕидовите од 1-1,2 метри, и биле поделени на три или четири нивоа. Средновековната кула е поделена на четири нивоа: визба, приземје и два ката. Висока е 18,5 метри и има камени скалила. Во висина на најгорниот кат, однадвор, има изѕидано испуст со отвор на долниот дел, токму над влезната врата, од кој се испуштало врело масло, вода или камења за да ги задржат непоканетите посетители. Отворите за набљудување во долните зони се доста специфични.  Тие се мали и тесни однадвор, а навнатре се прошируваат конусовидно и се познати како „пушкарници“. Прозорците на најгорниот кат се широки и заштитени со железни решетки. Саат кулата е од истиот тип, со тоа што дополнителни и` е додаден делот на кој стоело ѕвоното што најмногу му служело на училиштето. Во 1957 година и двете кули се ставени под заштита на државата.

Адреса

Нашата адреса:

MEDIEVAL FORTIFIED TOWERS - KOCHANI

GPS:

41.91680480000001, 22.408284900000012

Телефон:

-

Email:

-

Веб:

-