Локалитетот е сместен на возвишение на левиот брег на Брегалница, во близина на селото Бурилчево, Кочанско.
Станува збор за истражена населба од бакарно време (енеолит) или преодниот период од каменото во металното време. Според анализите вршени со методот Ц14 (правени врз карбонизирано жито најдено на локалитеот), населбата била активна во средината на V милениум п.н.е.
Во овој период борбено настроените племиња своите населби ги сместиле на возвишени платоа, тумби, тешко достапни, природно заштитени и погодни за одбрана. Во близина на населбите имало реки или извори за вода, заради обезбедување на неопходните услови за живот. Токму таква местоположба има Пилаво, кој се издига на едно израмнето плато, неколку десeтини метри од вливот на реката Злетовица во Брегалница.
Овој локалитет изобилува со керамика во најразновидни форми и начини на украсување со врежување на брановидни линии, а за издвојување се графитно сликаните садови. Богатството на духовната култура кај населението од тој период може да се следи преку бројната ситна пластика на зооморфни и антропоморфни претстави, при што кај антропоморфните има нагласена стеатопигија, а украсени се со врежани брановидни линии.
При археолошките ископувања на локалитетот е откриена претстава на женска фигурина, теракота, на која и недостасува горната половина. Сочуваната долна половина украсена е со ритмички шари: врежани концентрични кругови, точки, брановидни и аглести линии. Интересно е што на овој локалитет се откриени неколку вакви претстави кои наликуваат едни на други, што ни наведува на претпоставка дека тогашните жени по повод одреден ритуал се украсувале на овој начин, а тоа е пренесено и на теракотните фигурини. Димензиите на фигурината се 7х11 см.
Покрај тоа, на локалитетот присутни се голем број коскени и камени алатки и накит.